Правилното одбирање (вистински материјал во вистинско време) и технички исправното земање на материјал е првата постапка во низата од која зависи конечниот наод. Примерокот мора да биде земен од вистинското место со избегнување на контаминација со физиолошката микрофлора од соседните ткива, органи или секрети. Мала количина примерок може да даде лажно негативен резултат. Кај хронични и благи инфекции потешко е да се обезбеди доволна количина на материјал.

По правило клиничкиот примерок се зема пред примената на антимикробна терапија. Доколку е започната, се наведува во упатот (лек, дијагноза и колку време).

За правилна обработка на материјалот неопходна е упатна дијагноза, а може и кратки клинички податоци за заболувањето, претходна антимикробна терапија, резултати од евентуални претходни испитувања и друго.

Материјал, по ефикасна терапија, не треба да се зема и испраќа за микробиолошка дијагноза, туку заради проверка на ефикасноста од специфичната терапија.

Контрола треба да се прави по една недела од престанокот на антимикробната терапија.

Ако материјалот не може брзо да биде транспортиран треба да се заштити (презервира) во соодветна транспортна подлога која ќе го спречи сушењето, одржува неутрален pH и оксидоредукционен потенцијал и го сведува растот и размножувањето на бактериите на минимум.